Македонската Соларна Асоцијација вечер во Скопје ќе одржи годишна соларна конференција и саем, на кој ќе бидат изложени најновите производи од соларниот сектор и панел дискусии за моменталната ситуација во соларниот сектор на Републикава.

Годишната конференција, како што велат од Асоцијацијата, е место кое ги поврзува домашни производители, трговци, монтажери и експерти од соларниот сектор со цел да ги споделат своите најефикасни решенија, искуства, стратегии и иновативни трендови.

Асоцијацијата, која брои над 80 членки и верифициран тренинг центар за вршење на обуки за соларни монтажери, го организира овој настан со цел да ги вмрежи сите активни чинители во ова поле.

-Со енергетската криза и зголемените инвестиции во обновливите извори на енергија се отвора широк спектар за работа на сите активни чинители од ова поле. За таа цел во рамките на самата конференција ќе има 15 компании членки кои ќе ги изложуваат своите производи со цел монтажерите/проектантите/трговците да ги увидат најновите трендови на едно место, посочуваат од Асоцијацијата.

На настанот ќе говори претседателот на Асоцијацијата проф. др. Илија Насов, генералниот директор на „Пиксел“ Горанчо Паунов, како и претставници од банкарскиот сектор и УНДП, по што ќе следи и доделување на сертификатите за успешно завршена обука за соларни монтажери.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2022 10:32