Десетина млади вљубеници во фолклорот почнаа да ги изучуваaт народните инструменти и изворниот мелос на семинарот што се одржува до 1 јули во прилепскиот ученчки и студенски дом „Орде Чопела“.

Семинарот е во рамки на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој по 48 пат ќе се одржи во петок и сабота, на 21 и 2 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени, а предавачи се еминентни етномузиколози од земјава.

Според етномузикологот Стојанче Костов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, семинарот се одржува 12. пат.

– Годинава се потрудивме да направиме тематско предавање, опфатени се традиционалните инструменти, пеењето и, воопшто, традиционалната култура од Овче Поле. Во работилницата работиме одбрани мелодии и песни од овој регион и интензивно ќе работиме наредниве денови. Учествуваат талентирани млади изведувачи кои сакаат да го изучуваат македонскиот изворен мелос, рече Костов.

Горанче Ангелов од музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип вели дека темел на изучувањето се песните што ги изведувал Пеце Атанасовски.

– Темел се мелодиите што пеце Атанасовски ги изведувал со Оркестарот на народни инструменти при МРТ во тоа време, зашто семинарот е, сепак, дел од Фестивалот и во тој контекст убаво е да се работи нешто што овој великан ни го оставил да го пренесеме на новите генерации, ни изјави Ангелов.

На семинарот се предавачи и Горан Василески, фолклорист и секретар на Фестивалот и професор д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и уметнички директор на Фестивалот.

Меѓу 10-тината учесници на семинарот е и Бобан Анакиев од Кочани млад изведувач но и изработувач на народни инструменти. вели тоа е неговата младешка и сегашна љубов спрема фолклорните традици.

– На семинарот сме да го изучуваме изворниот мелос. Изработувам и тамбура, кемане, гајда. Ги изработвам од љубов и свирам на нив. Многу научив од постарите мајстори. Има интерес, а ги купувата фолклорни групи, во училиштата во домовите за култура, вели Анакиев.

На Фестивалот годинава ќе учествуваат околу 300 изведувачи на изворниот мелос од целава земја, а ќе има и гости од Србија. Првата фестивалска вечер е во Прилеп, а втората на Рудина кај Долнени. В петок ќе се одржи и симпозиум за „Фолклорот во минатото и денес“. Фестивалот ги наградува најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие Гајдата на Пеце што традиционално ја доделува општина Долнени.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2022 14:07