По двата турнири во машка конкуренција, тениското лето во Скопје ќе се заокружи со одржување на купот „Били Џин Кинг“ во женска конкуренција.
Туринирот започнува на 5 јули, а ќе биде одржан на терените на тенискиот клуб Југ во Градскиот парк.
Купот „Billie Jean King“ (поранешен Фед Куп) во Групата 3 од Евроафриканската зона ќе започне на 5 јули и ќе трае до 9 јули. Земјата победник на овој куп ќе добие шанса да биде промовирана во Група 2 од Евроафриканската зона.
На турнирот ќе земе учество и најдобрата македонска тенисерка на сите времиња, Лина Ѓорческа, како и Магдалена Стоилковска, Александра Симева, Ива Данева и Катарина Маринковиќ.
Покрај нашите тенисерки, на купот ќе земат учество и повеќе тенисерки од различни земји во светот, како Португалија, Албанија, Ирска, Конго, Јужна Африка и други.
Овој куп има богата историја во женскиот тенис и важи за елитен турнир во женска конкуренција. Тој е именуван по познатата тенисерка Били Џин Кинг, поранешна бр. 1 на светската ВТА листа. Купот Били Џин Кинг е најголемото сезонско женско меѓународно екипно спортско натпреварување според бројот на нации што се натпреваруваат.