По повеќе од една година на површината на Марс, кинеската сонда „Тjанвен-1“ направи снимки кои ја покриваат целата „Црвена Планета“, објави државната Кинеска национална вселенска агенција – КНВА, вчера.

Меѓупланетарната мисија чие име, послободно преведено значи – „потрага по небесната вистина“, беше лансирана 2020 година и слета на Марс минатиот мај, кога роверот „Журонг“ тргна во „патролирање“ и истражување. „Тјанвен-1“ се состои од шест дела – орбитер, две подвижни камери, приземјувач, далечинска камера и самиот ровер, којшто е првиот на Народна Република Кина што некогаш слетал на друга планета.

Целите на вселенската мисија се повеќекратни – проучување на топографијата, геологијата на подрачјето, мразот, минералите, карпите, атмосферата… Во соопштението на КНВА се наведува дека сондата досега ги завршила сите задачи што ѝ биле доделени, вклучително и правење слики со средна резолуција што ја прикажуваат целата планета.

Сликите, објавени на интернет, го покажуваат нерамниот терен на пејзажот на Марс – правливи црвени дини, вулкани, кратери од судирите со помали вселенски тела, ледената покривка на Јужниот Пол и карпите и гребените на кањонот Валес Маринерис – еден од најголемите во нашиот Сончев Систем.

Сондата собра 1.040 гигабајти научни податоци, кои потоа беа обработени од научниците на Земјата и предадени на истражувачки тимови за натамошно проучување, соопшти КНВА.

Агенцијата споделува информации за летот на орбитерот и со американската НАСА и Европската вселенска агенција – ЕСА.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2022 11:25