Државниот музичко балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ чии простории се наоѓаат во центарот на Скопје, од учебната 2022/23 година ќе има дисперзирана паралелка за основно музичко образование во општина Сарај.

Паралелката се отвора по барање и на иницијатива на родителите и училиштето, со согласност од Министерството за образование и наука и општина Сарај и истата ќе функционира во склоп на основното општинско училиште „Дитурија“.

Како што соопштија од Министерството за образование и наука (МОН), иницијативата е покрената со цел да се излезе во пресрет на младите од оваа општина, кои секоја година покажуваат поголем интерес за вклучување во музичкото образование.

-Во новата учебна 2022-2023 вкупно осум ученици се запишаа во државниот музичко балетски училишен центар, но наместо секојдневно да патуваат, а воедно и со цел да се намалат трошоците и грижите на нивните семејства, тие наставата ќе ја следат во својата општина и населено место, соопштија од МОН.

Министерството за образование и наука ја оцени оваа иницијатива како корисна и даде поддршка за нејзината имплементација, која пак, не предизвикува фискални импликации по државниот буџет.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2022 15:52