Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински, денеска извршија увид во изградбата на новата фекална канализација на улицата Софиска во населбата Тафталиџе во општина Карпош.

- Реализираме проекти за подобрување и унапредување на инфраструктурата во општина Карпош, а истовремено решаваме долгогодишни проблеми на околните жители со инфраструктурата во овој дел на градот. На улицата Софиска во населбата Тафталиџе изградена е нова линија по самата улица, а се интервенираше и на постоечкиот систем во оваа населба со цел подобрување на досегашниот начин на одведување на отпадните води – изјави Арсовска.

Новата линија за одведување на отпадните води со вкупна должина од 410 метри, се приклучи на постоечката фекална канализација на улицата Московска со дијаметар од 400мм.

- Изградбата на нова фекална канализација во Тафталиџе е уште една од низата планирани инвестиции на ЈП Водовод и канализација, чија реализација е завршена во предвидениот временски период. Продолжуваме посветено да работиме на изградба на нова и на подобрување на постоечката водоводна и канализациона мрежа во Скопје - истакна Перински.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2022 15:18