Околу 100 учесници има на параглајдинг првенството „Пред светски куп Флајмастер опен“ што во Крушево се одржува до 10 јули. На првенството учествуваат параглајдеристи од повеќе европски држави.
Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, условите за параглајдинг се идеални на полетувалиштето кое е во рангот на трите најдобри во светот.
– Ова е она за што работевме. Имаме поголемо полетувалиште кое овозможува одржување на големи првенства, плус услови за рекреативни параглајдеристи кои истовремено го користат. Тука градиме и објект и генерално ги подобруваме условите, а резултатите ги гледаме ова лето. Летото навистина е исполнето со настани и многу странски туристи, вели Христоски.
Ова лето само преку параглајдеризмот општина Крушево очекува повеќе од 3 000 туристи.
По завршувањето на ова првенство, од 14 јули ќе започне „Светски куп Крушево 2022“.