Во јавноста изминатите денови беше емитувана сторија за младиот Медијан од населба Хиподром кој веќе три години живее без струја и е невработен. За време на сторијата Медијан ја раскажа својата животна приказна во која тој како дете од дом е згрижен во згрижувачко семејство, а денес живее сам без услови за живот и храна бидејќи жената која го одгледала е почината.

За таа цел денес во просториите на општина Гази Баба градоначалникот Бобан Стефковски оствари средба со Медијан на која на Медијан му се овозможи вработување во ЈКП Гази Баба веќе од утре.

За средбата градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:

Младиот Медијан од утре ќе биде вработен во ЈКП Гази Баба!

Денес во просториите на општина Гази Баба имав средба со младиот Мете од Хиподром. За жал животот неколку пати си поиграл со него и во моментов тој се соочува со неколку проблеми.

Онака како што ветив по најавата на емисијата "Срце на дланка" пред се како човек, а потоа и како градоначалник на општина Гази Баба му подавам рака на Медијан за заедно да се избориме тој да има подобри услови за живот.

За таа цел договоривме веќе од утре Медијан да започне со работа во ЈКП Гази Баба, а по однос на правниот спор кој го има ќе му обезбедам адвокат чии трошоци ќе бидат регулирани од моја страна. Дополнително му обезбедивме намирници за храна за следните денови. Хуманоста е наша должност и обврска.

Медијан е младо и талентирано момче кое ја заслужува нашата помош. Од денес Мете во мене има пријател и сојузник во неговата борба и верувам дека заедно ќе се избориме за подобро утре!

Им благодарам од срце на Никола, Виктор, Даниел, Сашо и сите останати жители на Хиподром кои дадоа силна поддршка на Медијан! - напиша Стефковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2022 13:32