Британскиот тркач на долги патеки Мохамед Фарах (39) првпат во документарен филм прикажан на британскиот сервис Би-Би-Си откри дека живее под лажен идентитет и оти неговото вистинско име е Хусеин Абди Кахин.
– Вистина е дека не сум тој кој мислите дека сум. Тоа е тајна која ја носам од детството, изјави четирикратниот олимписки првак во атлетика и татко на четири деца.
Атлетската ѕвезда од Сомалија рече дека е роден под името Хусеин Абди во самопрогласената независна република Сомалиленд, спротивно на претходните тврдења дека во Велика Британија пристигнал заедно со своите родители како бегалци од Сомалија.
Фарах обелодени дека неговите родители никогаш не живееле во Велика Британија, а тој пристигнал на Островот на деветгодишна возраст од Џибути, објаснувајќи оти потоа бил присилен да работи како слуга.
Фарах додаде дека неговите деца го инспирирале да ја открие во јавноста својата лична приказна.