Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ го претстави, првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, чие име е Ана, а кој има за цел да им помогне на граѓаните на Скопје со услугите на јавното претпријатие.

– Дигиталниот асистент може навремено да ве известува за планирани и непланирани прекини во водоснабдувањето во реонот во кој живеете во Скопје, може да ви помогне лесно да ги платите и да направите увид во вашите неплатени сметки, да пријавите дефекти на територијата на градот, и да поднесете корисничко барање. Корисниците исто така ќе добиваат брзи и точни одговори за прашања поврзани со услугите на „Водовод и каналзација, како и самата институција- објаснуваат од претпријатието.

Дополнително, Ана може да ви помогне да заштедите вода преку советите за штедење на вода кои ќе влијаат на вашите секојдневни навики.

-Ова е прва и единствена технолошка иновација од ваков вид во јавниот сектор на ниво на нашата државa, со цел побрзо решавање на барањата на граѓаните и подобрување на корисничкото искуство – потенцираат од претпријатието и додаваат дека оваа иницијатива тие ја започнале за да им излезе во пресрет на граѓаните и да им помогнат во брзо и ефикасно доставување на нивните барања, исполнување на нивните обврски без чекање и во секое време, за зголемување на бројот на електронски корисници, а со тоа и да ги направат нивните услугите полесно достапни за граѓаните како и да делува во насока на намалување на трошоците.

-Со воведување на ваков вид на иновација, корисниците на ЈП „Водовод и канализација“ ќе имаат можност да добијат одговори на своите прашања и да поднесат барање без да мора да посетуваат некои од пунктовите или да се јавуваат во Контакт-центарот и на едноставен начин да пристапат до виртуелниот асистент што ќе одговори на сите нивни прашања, во секое време – децидни се од претпријатието.

Ана е креирана со помош на CodeWell AI, напредна технолошка платформа, која овозможува создавање на паметни дигитални асистенти кои можат да го зборуваат и разбираат било кој јазик со многу висока прецизност и можат да бидат истренирани како експерти во било кое поле.

Како што велат од Јп „Водовод и канализација“ од денеска корисниците со Ана ќе може да зборуваат на официјалната веб-страница на претпријатието, на мобилната апликација, достапна за Android и iOS, или преку апликациите Facebook Messenger на Facebook страната на претпријатието и Viber на следниот линк: viber://pa?chatURI=vodovod-skopje или со скенирање на QR кодот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2022 05:05