Од јавното претпријатие „Градски паркинг“ ги известуваат своите корисници дека е ставена во функција СМС порака со цел потсетување за активна паркинг сесија на зонските паркиралишта.
-На почетокот на оваа седмица во системот на зонското паркирање на ЈП „Градски паркинг“ се активираше СМС порака – потсетник за активна паркинг сесија. Корисниците кои испратиле СМС порака за паркирање, по 4 часа и 5 минути ќе добиваат „порака- потсетник“ со содржина: „Потсетување дека имате активно паркирање. За крај испратете порака до 144 144 со содржина S“ – објаснуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека оваа порака е со цел да им се излезе во пресрет на корисниците кои паркираат на зони кои немаат ограничено и автоматско исклучување на паркинг сесијата, поточно зоните Ц и Д.
– Корисниците често, од повеќе причини не успеале да испратат „S“ за крај на користењето на паркинг услугата и со тоа автоматски им се наплаќаше до крај на работното време на паркингот – велат од ЈП „Градски паркинг“.
Од претпријатието апелираат до корисниците навремено да испраќаат СМС пораки за започнување и за стопирање на паркирањето, со што не би се соочиле со непријатности т.е. поставување блокатор на тркало.