Полни 35 години по првиот филм за чудовиштето-вонземјанин „Предатор“, суштеството се враќа на сцена во претстојниот филм „Плен“ (Prey).

Во режија на Ден Трахтенберг, „Плен“ е сместен во 1719 година кога „грабливецот“ се спушта на Големата Северна Рамнина во САД, подготвен за лов… Ова е последен филм на серијалот филмови којшто започна со остварувањето од 1987 година во режија на Џон Мектирнан и со Арнолд Шварценегер во главната улога.

– Технички гледано, тој филм им претходи на другите, но тоа не е приказна за тоа од каде доаѓа Предаторот…, рече Трахтенберг на лондонската премиера.

Трахтенберг ја постави приказната меѓу домородниот американски народ Команчи и речиси сите глумци во поставата се Домородни Американци. Улогите ги толкуваат Амбер Митхандер, Дејн Дилиегро, Џеронимо Вела, Стефани Матијас и други.

– Мислев дека е одлична работа да се истакнат Домородните Американци, особено Команчите, кои често се наоѓаат во улогата на негативци, а никогаш херои, рече режисерот.

„Плен“ од 5 август ќе се прикажува во САД, на стрим-платформата Хулу, а во Велика Британија на Дизни плус.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2022 09:37