Почнати се првичните активности за најавената иницијатива отворање „One stop shop“ и на граничниот премин Пелинце-Прохор Пчински за патниците, информираше денеска директорката на Царинската управа, Славица Кутиров која заедно со претставниците на Стопанската комора на Македонија, делегација од Комората, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство го посетија граничниот премин Табановце, во рамки на проектот на Стопанската комора за „Следење на протокот на стоки на граничниот премин „Табановце“. На средбата на надлежните институции било отворено и ова прашање, иницијатива која ги засега жителите на двете соседни држави.

– Веќе сме во некакви активности. Во следниот период ќе сведочиме на позитивна промена во тој дел, изјави директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.

И претходната недела при посетата на ГП Табановце беше посочено дека се разгледува иницијативата и за „One stop shop“ за граничниот премин Пелинце – Прохор Пчински само за патнички промет. Овој премин особено во екот на летната сезона го користат жителите од пограничните места од македонска и српска страна.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање се осврна на тоа какви активности се преземаат за отворање на граничниот премин Лојане- Миратовац.

– Знаете дека го потпишавме договорот за отворање на овој граничен премин, јас и колегата од Р. Србија. Имам информации дека веќе и Србија се подготвува инфраструктурно за да се започне со постапката да се среди овој граничен премин. Ние постојано на секоја наша средба, иницијатива во делот на комуникацијата помеѓу двете држави, инсистираме да воспоставиме што е можно побрзо заради тоа што навистина е потреба на граѓаните да имаат граничен премин, не само за премин туку и заради тоа што имаат имот од едната и од другата страна којшто го обработуваат. И навистина очекувам што е можно поскоро да се направи целата инфратсруктура и од наша и од српска страна, изјави министерот.

Тој рече дека течат процедури за воспоставување на преминот.

Жителите бараат воспоставување на премин на оваа локација поради тесните врски и се надеваат дека ќе се олесни комуникацијата, протокот на луѓе, но и ќе се овозможи полесна комуникација за пограничните места.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/07/2022 15:00