Во водите на Охридското Езеро денеска во организација на пливачкиот клуб „Охридски бранови“, а под покровителство на Општина Охрид, по 43. пат ќе се одржи Илинденскиот пливачки маратон во должина од 2,5 километри, со старт на плажата „Горица“ и цел на Градското пристаниште.

Катерина Стојаноска од пливачкиот клуб „Охридски бранови“ вчера на прес-конференција информираше дека за учество на маратонот се пријавени 44 пливачи, од кои 29 мажи и 15 жени.

– Натпреварувачите ќе бидат поделени во две категории. Првата категорија е до 16 години, а втората од 17 до 35 години. Стартот на првата трка е од 10 часот, додека на втората од 10 часот и 45 минути. За регуларноста на трката ќе бидат ангажирани десет судии, а за безбедноста ќе се грижи Црвениот крст – Охрид, истакна Стојаноска.

Локалната самоуправа, според градоначалникот Кирил Пецаков, години наназад го поддржува настанот и ќе продолжи и во иднина.

– Се надевам дека во наредните години кога ќе го добиеме и затворениот базен ќе учествуваме уште повеќе во градењето на вистински спортски личности, кои ќе постигнуваат врвни резултати во пливањето. Имајќи предвид дека Охрид е туристички град со езеро, треба да вложуваме токму во овој спорт, зошто праксата и минатото покажаа дека многу големи имиња излегоа од овој спорт и се надеваме дека во наредниот период со соодветна инфраструктура и соодветни вложувања како од локалната самоуправа, така и од приватните стопанственици ќе добиваме големи имиња во пливањето и ќе постигнуваме врвни резултати, рече Пецаков.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2022 09:17