Македонската машка и женска репрезентација беа успешни во двете конкуренции во дуелите со Финска и забележаа високи победи во 6. коло на Олимпијадата во индискиот град Ченај.

Македонските шахисти, иако настапија без најискусниот и највисоко рангиран играч во своите редови Звонко Станојовски, триумфираа над Финска со 3-1, со победи на првите три табли на Ристерски, Лазов и Николовски.

Во женска конкуренција, шахистките дополнително мотивирани со враќањето во составот на Моника Стојковска, ја совладаа објективно посилната екипа на Финска со 3.5-0.5. Единственото реми го забележа Стојковска на првата табла, додека Манова, Ефтовска и Жежовска играа одлично на втората, третата и четвртата табла и сите три запишаа цел поен.

На шаховската Олимпијадата денеска е слободен ден, а во седмото коло, в петок, македонската машка репрезентација ќе игра против Норвешка, предводена од светскиот првак Магнус Карлсен, додека шахистките за противник ја имаат Словенија.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2022 09:28