Во текот на јули 2022 година се пречистени вкупно 70.587 кубни метри отпадна вода во Пречистителната станица за отпадни води – Волково (ПСОВ), која е наменета за чистење на комуналните отпадни води кои доаѓаат од собирното подрачјето на населбите Кисела Јабука, Стопански Двор и Волково.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, од механичкиот предтретман се отстранети приближно 2,3 тони отпад со категоризација на отпад 19 08 01 (отпад од сита, крпи, марамици…) и 19 08 02 ( отпад од песколовец – песок).
Во Пречистителната станица за отпадни води – Волково се прават анализи на параметри кои се предвидени во дозволата за испуштање на отпадна вода во реката Лепенец.
Во периодот од 1 до 31 јули 2022 година изработени се анализи на 16 примероци од две мерни места.
-Направените анализи во јули 2022 година покажуваат задоволителни резултати и висок процент на ефектот на пречистување, а вредностите на параметрите на излез се движат во границите на максимално дозволените концентрации според Правилник – Службен весник на РМ бр.73 од 31.05.2011 година, стои во соопштението од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
ПСОВ Волково е предвидена за 19.500 Е.Ж (Еквивалент – жител). За пречистување на отпадните води се употребува современа СБР технологија.