Седумнаесетгодишната кајакарка Олгица Мелова од Демир Капија ќе земе учество на Европско првенство во Будјовице, Чешка, откако претходно настапуваше на светски првенства во Италија и Германија, информираше денеска Дарко Илиевски, тренер на демиркапискиот кану и кајак клуб ,,Просек”.

– Имаме уште многу да работиме. Многу научивме од светските првенства, ги увидовме сопствените грешки и во наредниот период ќе се вложиме себеси и ќе дадеме максимум од своите можности, рече Илиевски за МИА.

Тој појасни дека во моментов се спремаат и за претстојните македонски државни првенства. Течеле и подготовките за отвореното првенство во кајак на дива вода во Демир Капија, што ќе се одржи на 27 август, а на кое ќе учествувале и гости од Србија и Грција.

Илиевски нагласи дека демиркапискиот клуб е со долга традиција и бројни награди низ годините, а ја има поддршката од локалната самоуправа и општествената заедница.

Европското првенство во Чешка ќе се одржи од 10 до 14 август. Мелова ќе се натпреварува во дисциплината К1 слалом за жени на 11 август.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2022 14:02