Тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски, денес преку допис до јавноста го изнесе своето несогласување со донесениот Правилник за работа и избор на државните репрезентации, од страна на Карате федерацијата на Република Македонија (КФРМ).
– Со овој допис сакам да ја информирам македонската спортска јавност и македонските спортски институции: Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот Олимписки комитет и сите клубови кои се членови на КФРСМ, дека јас Бошко Заборски, во моментов член на ИО на КФРСМ и Потпретседател на истата , не се согласувам, и се спротивставувам на веќе изгласаниот Правилник за работа. Изготвувачот на Предлог Правилникот, најнапред без никаква најава и консултација ова го направил тајно, плански смислено и во тесен круг на свои истомисленици, кои се во моментов функционери и ја предводат Федерацијата. Вака изгласан Правилник, единствено ќе помогне за зголемена и комплетна контрола и приватизација на КФРСМ. Не ја подржувам и политиката која се наметнува од страна на новото раководство на КФРСМ, стои во дописот од Заборски.
Тој смета дека во вакви околности федерацијата за година-две ќе се приватизира.
– Ќе се прашате зашто сега приватизација и од каде до тоа се стигнало во размислувањата. Приватизација на федерацијата ќе се постигне не веднаш, но за година две, со систематска и добро планирана реализација на проектот, еден клуб Репрезентација, односно со воведување на овој Правилник во сила, сите клубови кои имаат репрезентативци посебно во сениорска , У21 и јуниорска конкуренција, ќе бидат комплетно зависни само од страна на еден човек, а тоа се селекторите на тие селекции, блиски на новоизбраниот Претседател на КФРСМ. Суштински и најважно од се е тоа што, со овој Правилник, на селекторите им се даваат неограничени права и можности за избор на репрезентативците и составот на селекциите. Стариот правилник комплетно се отстранува, со сите досегашни критериуми, посочува Заборски.
За новиот Правилник тренерот на Макпетрол смета дека е субјективен, дискриминаторски, без јасни критериуми за избор на репрезентативците, можност да се вршат уцени на спортисти, клубови и тренери за влез во репрезентација, можност за големо влијание и привилегии на лица од раководството на федерацијата.
Заборски најави продолжување на, како што вели, борбата за првата на клубовите и спротивставување на погрешната политика на федерацијата.