Центарот за граѓански комуникации спроведе ново истражување за јавните набавки извршени од државните институции за време ковид пандемијата во Македонија.

Извештајот за јавните набавки за заштита од КОВИД-19 е изработен врз основа на длабочински мониторинг на постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.

Мониторингот ги детектираше следниве клучни проблеми и ризици од корупција и судир на интереси:

- Јавните набавки поврзани со КОВИД-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција.

- Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција.

- Кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи.

- И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %.

- При набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чијшто апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција.

- Постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас.

- Ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција.

- Како јавни набавки за КОВИД-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со пандемијата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2022 15:13