За да се обезбеди сигурен напредок на младите, потребни се сериозни системски зафати кои ќе резултираат со забрзан економски раст, искоренување на корупцијата и осовременување на образованието. Младите ја заслужуваат поддршката од институциите и треба да соработуваат меѓусебно, порачаа учесниците на денешната меѓународна конференција посветена на младите од Балканот.

Конференцијата ја организираше Агенцијата за млади и спорт по повод Меѓународниот ден на младите, а главниот акцент беше ставен на предизвиците на младите во регионот и на унапредување на соработката.

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, чие обраќање беше прочитано на конференцијата, добрата вест е што младите веќе се вклучуваат во процесите на носење на одлуки и креирање на политиките на централно и локално ниво.

– Пример за тоа се Законот за младинско учество и младински политики, новата стратегија за млади, работниот текст на Законот за младинска работа. Во новите документи би ја додал и рамката за развој МКД 2030 како заедничка платформа за развој на Македонија. младите беа вклучени на секоја етапа во изработката на МКД 2030, се потенцира меѓу другото во говорот на претседателот Пендаровски.

На конференцијата присутни беа и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, српскиот министер за млади и спорт Вања Удовичиќ, министерот за млади и спорт на Црна Гора, Василије Лалошевиќ, како и претставници на младински организации од Србија и Албанија.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски посочи дека со вложувањето во младите, се вложува во иднината.

– Младите ја заслужуваат целата поддршка од институциите, а ние вложувајќи во младите, вложуваме во иднината. Целта е заедничка соработка за големи успеси на сите млади во регионот. Ние немаме друга алтернатива освен да создаваме мостови на поврзување на младите и да го трасираме патот по кој тие можат да се реализираат и да бидат промената што сите ја сакаме, рече Мојсовски, додавајќи дека Отворен Балкан нуди нови перспективи и шанси кои обезбедуваат сигурен напредок на регионот.

Според Мојсовски, младите од регионот се соочуваат со истите предизвици и потребно е да се организира заедничка тематска седница за млади.

– Заедничка соработка на ресорните министерства и агенции можат значително да ја подобрат меѓународната соработка на младите, со тоа и условите за напредок на младите луѓе. Затоа мој предлог ќе биде во рамки на иницијативата Отворен Балкан да организираме заедничка тематска владина седница за млади и заеднички да ги детектираме бројките и мерките кои ќе значат подобро денес, а и подобро утре за сите, со цел да ја покажеме на дело нашата силна заложба за младите, посочи директорот на АМС.

Српскиот министер за млади и спорт Вања Удовичиќ посочи дека е важна мисијата на Западен Балкан кога се работи за соработката на младите, додека министерот за млади и спорт на Црна Гора, Василије Лалошевиќ смета дека треба да им се дадат повеќе можности на младите. Лалошевиќ посочи дека според најновите истражувања, 45 проценти од младите во Црна Гора сакаат да излезат надвор од државата.

Заменик министер за образование и наука Лулзим Алиу посочи дека земјите од регионот се соочуваат со голем број предизвици но сепак изрази убеденост дека младинската конференција ќе ги постигне посакуваните цели каде што младите меѓусебно ќе се поддржуваат, соработуваат и ќе се натпреваруваат со конкуренцијата во однос на едукативно-интелектуалното поле.

Конференцијата се одржа во рамки на Неделата на млади, а за утре, според најавите, е предвидено доделување на награди за младинско учество во претседателската вила на Водно и забава за младите кај Школка во Градски парк.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2022 14:42