Влатко Деловски, Владимир Ѓоргиевски и Саша Грбиќ се првите Битолчани кои ја качија карпата Касин на планината Пиц Бадиле (3,308 m). Тројцата се членови на СКК Вертикал од Битола.
– Од почетокот на алпинизмот и качувањето во Битола до денес, ова е прва успешна акција и качување на оваа насока од битолски клуб, што експедицијата ја сместува меѓу најуспешните алпинистички остварувања во градот воопшто. Искрено, тоа нам многу нè радува, а се надевам и дека Битолчани ќе бидат горди на овој наш подвиг, оти воедно е и подвиг и поттик за алпинизмот во Битола, изјави Влатко Деловски за МИА.
Пиц Бадиле (3,308 м) преку Cassin Route со оцена 6+ (UIAA) е 800 метри, висoка карпа со 21 јажева должина (плус уште 200 м д+ алпска наврска по Nordkante оцена 3+ (UIAA) – но, не по траверсот што беше непрепознатлив оти го качувавме ноќе, туку преку сите локални врвчиња до самиот врв „Piz Badile“, што воопшто не беше едноставно и затоа ни зеде 2.5/3 часа плус од качувањето). Вкупно околу 1000 м карпа. Таа ноќ преспавме во бивакот на врвот – ако тоа се смета за спиење – и наредниот ден со неколку абзели се спуштивме по јужната италијанска страна до домот Gianetti. Од домот уште 2.5 часа планинарење до San Martino (Италија). Од таму со превоз до Bondo (Швајцарија) каде што ни беше колата. Планинарење од Бондо до домот Sasc Fura (швајцарска страна), потоа пристапот до под насоката, качување на насоката, алпска наврска на дел од северниот гребен до врвот Piz Badile, абзелување/спуштањето на италијанска стана до домот Gianetti и накрај планинарење до San Martino (Италија) нè чинеше околу 28 часа активно качување, алпска наврска и планинарење, додаде Деловски.
Пиц Бадиле е планина/врв што е дел од планинскиот венец Bregaglia во швајцарскиот кантон Graubünden и италианскиот регион на Ломбардија. Всушност, границата на овие две земји (Италија и Швајцарија) се протега по самиот гребен. Северо-источното лице на Piz Badile, каде впрочем е и насоката Cassin, се смета за еднo од 6-те големи северни страни на Алпите.
Најпопуларната насока на североисточното лице на врвот е касиновата насока (Cassin Route), т.н. по нејзиниот креатор, врвниот алпинист Ricardo Cassin, кој ја качувал заедно со V. Rathi и G. Esposito. Тие заедно со тимот на Como (Mario Molteni и Giuseppe Valsecchi) од 14 до16 јули во 1937 успешно ја качиле насоката. Mario Molteni и Giuseppe Valsecchi биле под насоката кога Cassin и неговата тајфа ја беа започнале насоката, но подоцна алпинистите ги здружиле силите. Во овој познат алпски еп, Mario Molteni починал од исцрпеност на врвот, додека Giuseppe Valsecchi починал при спуштањето по јужниот гребен непосредно пред да стигне до домот.
Деловски упати еден апел до јавните институции да поддржуваат индивидуални спортови/спортисти кои се трудат со свој буџет и барем малку ги поместуваат нашите граници.
– Свесен сум дека од врвен спорт сме далеку, но сепак мора од некаде да се почне. Ја користам оваа прилика да кажеме дека ние (СКК Вертикал Битола) немаме сала/вежбална (освен едно скромно собче во СОТУ Ѓорѓи Наумов – Битола) каде што едвај можеме да го практицираме нашиот спорт, а со тоа, на еден начин, сме спречени да продуцираме млади кадри и надежи, информира Деловски.