Општина Кочани ја почна реализацијата на проектот за работно ангажирање за извршување јавни работи, во рамки на владиниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година.

Ангажирани се 20 невработени лица со ниски квалификации, кои се во евиденцијата на Агенцијата за вработување, а ќе извршуваат работни активности во комуналната инфраструктура и заштитата на животната средина на локално ниво.

-Невработените лица кои се вклучени во проектот ќе бидат ангажирани четири часа дневно, во текот на 22 работни дена. Ќе работат на неколку локации во градот и се задолжени за комунално и хортикултурно уредување, дезинфекција со вар на дрворедите покрај улиците и покрај речното корито и слично. Во моментот се уредуваат Стариот парк во централното градско подрачје и тротоарски површини во населбата Драчевик. Со поддршка од КЈП „Водовод“ се планира во наредните денови лицата да работат на расчистување на коритото на реката Масалница во населбата Оризари, информираа од општинската администрација во Кочани.

Лицата кои се ангажирани за извршување јавни работи ќе добиваат финансиска поддршка од 600 денари дневно, со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување со повреда на работа и професионална болест. Доколку некои од нив се корисници на социјална помош, правото на користење ќе им биде активно и додека трае работниот ангажман.

Реализацијата на проектот е во соработка со Агенцијата за вработување која покрива 80 отсто од трошоците, а остатокот е учество на локалната самоуправа на Кочани со средства од општинскиот буџет.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2022 14:29