Претстојниот викенд, 20 и 21 август, во Крива Паланка ќе се одржи атрактивното џип-рели низ Осоговските Планини, кое ќе опфати дводневна авантура на четири тркала низ Осоговието.
Општина Крива Паланка и здружението Оф-роуд „Екстрим“ потпишаа договор за соработка и ги повикаа сите љубители на планината и адреналинското возење, да бидат дел од годинашната авантура низ Осоговието.
-Крива Паланка нуди одлични можности за адреналински и алтернативни спортови, а ова рели ја претставува и истовремено ве носи низ целата убавина на прекрасните предели во општината. Џип-релито низ Осоговските Планини е авантура на четири тркала што треба да се доживее и почувствува, да се ужива во прекрасниот чист планински воздух и пејзажите на недопрената природа на нашиот град и околните места, па токму поради тоа ги покануваме сите што викендов се за едно несекојдневно доживување, да бидат дел од најновото оф-роуд рели, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Секоја година на ова рели кое се организира околу една деценија, учествуваат околу петстотини љубители на природата и теренско возење, со над 250 возила со џипови, мотори, 4х4 возила.
Пријавувањето е во тек кај организаторите или на самиот старт, пред почетокот, во сабота, кај Мотел „Македонија“ во периодот од седум до осум часот утрото.
– Стартот на рутата, долга околу шеесетина километри е сабота, 8 часот и 30 минути,кај мотелот “Македонија”. Првиот ден се минува низ Маала Дивјанци, селата: Осиче, Гарваница, Добровница, Трново, Узем, Тораница, преку Царев врв до езерцето на Калин Камен, каде ќе се кампува во шатори, со организирана забава, информираат од Офф-роад “Екстрим”, Крива Паланка.
За вториот ден е предвидена кружна временска трка во повеќе категории со вредни награди од спонзорите и поддржувачите.