По откажувањето на „Бетгрл“ (Batgirl, девојката-лилјак), актерската екипа и креаторите на ТВ-серијата „Жената-Хулк“ (She-Hulk) ја нагласуваат важноста – филмските студија да поддржуваат проекти за жени суперхероини.
Откако инфузијата од гама-озрачената крв на нејзиниот братучед Брус Бенер ја преобраќа во Жената-Хулк, правничката Џен Волтерс првично не сака да има никаква врска со суперхеројскиот свет, но потоа… Глумицата Татјана Маслани, добитничката на „Еми“ за ТВ-серијата „Сираче во црно“, се чини, одлично се вклопи во филмскиот универзум на „Марвел“.
„Џен и јас може да се поврзуваме на тоа ниво… Јас сум глумица веќе 27 години, или така нешто слично, и отсекогаш сум барала дела и приказни засновани на ликови коишто дефинитивно не мора да заземаат огромен простор во овој свет… Така, отсекогаш сум била малку отпорна кон ’големиот свет на Марвел’ и не знаев дали ќе можам да го работам овој вид работа. Но, кога го прочитав сценариово, помислив: ’Ова не е она што го очекував‘. Ова е длабоко човечка приказна. И, тоа е толку смешно, а некако срамно секојдневие, на одличен начин. Џен продолжува да се обидува да ја повлече приказната во таа насока. Затоа мислев дека таа тензија е навистина ‘кул’,“ вели Канаѓанката говорејќи за новата стрим-серија на „Дизни плус“.
За првата сезона од „Жената-Хулк“, најавени се девет епизоди. Првата од нив е прикажана вчера и, на ИМДБ засега, има оценка 7,1 / 10. Во серијата глумат и мажот „Хулк“ – Марк Рафало, натаму – Тим Рот, Џамила Џамил и други познати глумци.