Од 2004 година во Република Македонија постои добро воспоставена шема преку која неколку комерцијални банки систематски ги прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството, со цел да можат, покрај законски дозволеното кредитирање, да вршат и законски забрането кредитирање, претежно за субјекти коишто во согласност со погоре наведените регулативи, не се подобни за добивање банкарски кредити. Ова се дел од заклучоците на тимот експерти за банкарски криминал предводен од европскиот експерт Драго Кос, по спроведената независна истрага за стечајот на „Еуростандард банката“.

Шемата, според нив, функционирала на таков начин што одредена банка идентификувала компании коишто се подготвени да ги отстапат своите деловни сметки, на кои банката потоа им исплаќала одредени износи врз основа на фиктивни договори за кредит, а потоа истите компании формално им ги позајмувале тие износи на други компании, исклучиво по избор и во организација на банката. На сличен начин, потоа овие средства и се враќале на банката. На тој начин, банката остварувала придобивка од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите коишто вршеле улога на пренесувачи на незаконски стекнати пари, односно конвертирање кредити во заеми, поради исклучителниот обем на шемата којшто не дозволувал можност за вршење контрола, вообичаено претрпувале сериозни загуби.

– Ниту една од компаниите вклучени во оваа шема не била целосно запознаена со ова, бидејќи во неа учествувале многу банки и компании чиишто претставници, и покрај големите готовински трансакции, честопати воопшто не се ни познавале. Ниту една од овие компании не можела да води евиденција на сите плаќања, бидејќи тие едноставно не знаеле за нив, особено доколку парите се пренесувале преку други компании и преку други, а не нивните, комерцијални банки. Само банките, барем во првичните фази, можеле да го следат текот на овој процес на кредитирање и позајмување, а откако се развила шемата, дури и тие почнале да губат контрола над тоа кој кому платил и кој кому должи, се наведува во извештајот.

Со оглед на фактот дека такво брзо финансирање не би можело да биде поинаку обезбедено, релевантните законски документи се потпишувале исклучително брзо или пак се подготвувале подоцна, додека налозите за пренос се вршеле надвор од работното време. Поради динамиката на настаните, сите лица кои требало да стават потпис не секогаш биле достапни, поради што било неопходно нивните потписи да бидат фалсификувани на налозите за пренос, договорите за кредит, договорите за заем и слично, а ова се случувало во најголемиот број на случаи. Честопати, лицата чиишто потписи биле фалсификувани дури не биле ни свесни за тоа.

Во целосниот извештај, којшто содржи повеќе стотици страници и ќе биде достапен на веб порталот www.covekotpredse.mk, направена е анализа во врска со еден од овие случаи, во која е опишана шемата на незаконско кредитирање управувана од страна на „Комерцијална банка“ АД Скопје, во повеќето случаи преку деловните сметки на две компании.

– Во текот на периодот помеѓу 2004 и 2011 година во шемата биле вклучени седум банки, 45 други компании и едно физичко лице. Во истиот период, докажани се најмалку 103 фалсификувани потписи на налози за пренос, пет фалсификувани потписи на договори за кредит и 32 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивни договор за заем. Исто така, за приближно 54 трансакции помеѓу компании, коишто учествувале во шемата, воопшто не биле склучени договори за заем, што укажува на фактот дека „Комерцијална банка“, поради обемноста на шемата и бројот на банки и компании што учествувале во неа, конечно изгубила секаква контрола врз истата. По пат на оваа шема којашто функционирала од 2004 до 2011 година, само преку две компании, Комерцијална банка заработила 5.573.602 евра во незаконски стекната добивка, додека овие две компании претрпеле штета во износ од 21.601.991 евра, се посочува во извештајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2022 12:57