Морињата се одредниците кои ќе ги исцртаат новите сфери на интерес во светот, а новиот интерес конечно ќе се вика бизнис затоа што сите ќе сфатат дека без бизнис нема ништо и дека тоа е единственото врзивно ткиво на овој свет, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на панел дискусијата за претставување на иницијативата „Три мориња“, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа.

На панел дискусијата, во организација на Стопанската комора во соработка со Институтот за стратешки иницијативи и политики, беше посочено дека интегрирањето на Западен Балкан во оваа иницијатива ќе придонесе за поефикасно поврзување на земјите од регионот и членките на оваа иницијатива и ЕУ пошироко, а воедно ќе придонесе и за зајакнување на европската кохезија, развој на поефикасни коридори, унапредување и зајакнување на трговските, енергетските и информатичките коридори, а со тоа и за забрзување на економскиот раст.

-Иницијативите кои доаѓаат од надвор се многу значајни и треба да ги прифатиме како свои и да ги ставиме во рамките на нашите бизнис позиции за да дадат друга светлина и да можеме да кажеме дека имаме конкретен интерес од нив. Локалните иницијативи мора да најдат свое место во една ваква глобална иницијатива каква што е „Трите мориња“ зашто само на таков начин ќе можеме да кажеме дека сме направиле колосек кој ќе не води кон евроатланските интеграции, рече Азески.

Истакна дека на Балканот треба да проработат моторните сили на пазарната економија во големите држави кои можат да повлечат напред и да отворат пазари за нашите производи и компании.

-Тие мора да добијат меѓународна поддршка и да го направат тоа затоа што без тоа ние не можеме да добиеме. Нема да ги прескокнеме нив за да бараме други пазари. Нас ни требаат пазарите на Романија, Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, на Европа. Затоа Стопанската комора ќе го поддржи се она што ќе го препознаеме како оваа иницијатива „Тртите мориња“, која оди во правец да се поттикне економскиот раст на клучните локомотиви во регионот, потенцира Азески и додаде дека претходно треба да си ги средиме работите по дома како што се борбата со корупцијата и сивата економија, брза гасификација на државата, отворање на нови пазари, заедничко регионално дејствување, заштита на интересите на бизнисот, подигнување на стандардот на граѓаните,...

За сето тоа, како што кажа, клучно е зголемувањето на извозот од државата.

Вишиот советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано посочи дека иницијативата „Трите мориња“ е уникатна можност за нас, бидејќи од црна дупка на Балканот треба да станеме светла точка.

-Северна Македонија е централна точка на иницијативата „Трите мориња“ зашто многу е важно поврзувањето на Јадранското Море со Црното Море. Иако немате излез на море можете да поврзете важни пристаништа зашто сте на средина, а поврзаноста носи можности за енергенси, нови ресурси, центри за иновација со што ќе се создадат можности за иден раст и ќе се помогнат бизнисите. Можеби сте мала земја, но според мене дури и најголемата и најсилна врата ја отвора мала брава, а во нашиот случај токму вие сте малата брава, рече Карафано и посочи дека не може да ја замисли иницијативата „Три мориња“ без регионов да биде нејзин суштествен дел.

Регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт, Пол МекКарти посочи дека е важно вклучувањето на Западен Балкан во иницијативата „Три мориња“.

-Иницијативата не може да функционира само со пристапот на Словенија и Хрватска до Јадранското Море. Важноста на трансверзалите север-југ и исток-запад ќе налагаат масивни инвестиции, а економската соработка ќе биде клучна за да се поврзе целиот регион, истакна МекКарти.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски рече дека е од исклучителна важност ЕУ и земјите-членки да прифатат дека проширувањето со земјите од Западен Балкан е приоритетно, стратешко и безбедносно прашање.

-Сите регионални иницијативи имаат за цел отворени граници и побрз проток на стоки и услуги. Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската и економската криза земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат со забрзано реформско темпо во евроинтегративниот процес. Клучната импликација за Македонија е геополитичката важност, односно преку регионалната соработка да се додаде вредност на Унијата и НАТО преку подобрување на поврзаноста и стабилноста на Централна и Источна Европа, рече Димитровски.

Геополитичката важност и регионалната стабилност, додаде, носат значајни директни и индиректни придобивки како за Западниот Балкан така и за нашата земја од економски, политички и безбедносен аспект.

-Ние сфаќаме дека економскиот успех е поврзан со стабилноста и растот на нашите соседи и на светот... Проширениот и продлабочен развој на инфраструктурните проекти како што се транспортните и енергетските коридори имаат примарна улога за целиот Западен Балкан. Затоа Владата е посветена на комплетирање на коридорите 8 и 10, кои се од клучно значење за нас, и поврзување со соседните земји бидејќи сме земја која нема излез на море, рече Димитровски.

Нагласи дека како земја без излез на море мора да ни бидат приоритетни сите иницијативи на регионално и мултилатерално ниво во делот на олеснување на трговијата и транспортот, бидејќи овозможуваат полесен пристап за нашите производи до пристаништата и поедноставни процедури за олеснување на извозот.

Иницијативата „Три мориња“, посочи, ги следи и унапредува шесте цели – економски раст, раст на инвестициите, енергетска безбедност, геополитички интереси, дигитален напредок и заштита на климата. Служи и како политичка платформа за олеснување на соработката за градење посилни врски во транспортот, енергијата, воената мобилност и дигитализацијата. Затоа, истакна, треба да се разгледа и можноста за евентуалното интегрирање на Западен Балкан во оваа иницијатива за да биде комплетна.

Претседателот на Српско-американскиот конгрес и поранешен потпретседател на Собранието на Република Србија, Владимир Маринковиќ рече дека како земја се посветени да бидат вклучени во сите регионални иницијативи, а особено во оние кои се фокусираат на економскиот развој и на создавање подобро инфраструктурно поврзување и енергетска безбедност и инвестиции.

-Регионалната инцијатива „Отворен Балкан“ не е само економска инцијатива, туку и иницијатива за мир. Нејзиното залагање за слободен пазар без граници е добро за економијата, но и за решавање на сите прашања преку економска соработка и трговија. Токму тоа е единствениот предуслов за решавање на политичките проблеми и за долгорочната стабилност на регионот. Затоа ги поддржуваме сите регионални иницијативи кои се насочени кон подобрување на соработката и за нас е мошне охрабрувачки да бидеме и дел од иницијативата „Три мориња“, рече Маринковиќ.

Нагласи дека токму економијата е еден од начините да се решат проблемите во регионот, особено меѓу Белград и Приштина.

Поранешниот министер за финансии и за економија на Република Албанија, Арбен Малај, пак, рече дека иницијативата „Три мориња“ сега е приоритет за земјите од регионот, но во иднина ќе биде итен приоритет, особено кога станува збор за конфликтите, несигурноста, недостигот на безбедност.

-Балканот создава повеќе историја отколку што може да консумира. Затоа е многу важно да се спроведат вистинските проекти за инфраструктурен развој. Секогаш има добри идеи за вакви иницијативи, но нивното спроведување секогаш е проблем. Треба да се разговара на сите полиња за да се тргнат предусловите кои би овозможиле Западен Балкан да биде активен партнер во иницијативата „Три мориња“, бидејќи Европа не може да стане силна ако не ја продлабочи интеграцијата со Западен Балкан, посочи Малај.

Иницијативата „Три мориња“ опфаќа тринаесет земји-членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море и тоа Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Грција. Започната е во 2014 година како идеја да се засилат врските во транспортот, етиката и информатиката.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2025 22:18