Одбојкарката Софија Ричлиева (22) неколку сезони успешно настапува во повеќе странски првенства. Македонската репрезентативка, по настапите во екипи во Косово, Турција, Данска и Грција, новата сезона ќе ги брани боите на ОК „Брда“ од Сплит, Хрватска.
Таа деновиве го потпиша договорот со новиот клуб. Игра на позицијата техничар и во новата средина очекува да ги остварат заедничките амбиции со клубот-борба за висок пласман и учество во плеј-офот на хрватското првенство.
– Искуството кое го имам зад мене со настапите во повеќе клубови ќе ми биде драгоцено и во Сплит. Се надевам дека заедно со другите девојки ќе ги исполниме очекувањата и ќе разигруваме за висок пласман во тамошното првенство, рече Ричлиева.
Софија е ќерка на Кирил Ричлиев, тренер кој со години создава познати одбојкарски имиња од струмичката одбојкарска школа и е кормилар на актуелниот шампион, Струмица Никоб. Таа, заедно со брат и Александар, ја продолжија семејната одбојкарска лоза. До пред две години Александар настапуваше за ОК „Струмица“, а сега ја дели правдата на одбојкарските натпревари, а таа со успех ја претставува македонската женска одбојка во странство.