Извештајот нарачан од некогашниот акционер и претседател на Надзорниот одбор на пропадната ЕСБ има сериозен проблем со кредибилитетот поради конфликт на интереси и користење на селектирани информации. Токму поради дел од тие слабости и самиот автор ја искажува резервираноста за неговата употребна вредност.
Како поранешен гувернер во дел од периодот опфатен со извештајот, можам да кажам дека реалноста целосно го демантира истиот. Доколку состојбата навистина би била таква како што тој ја прикажува, македонскиот банкарски систем немаше да издржи неколку силни надворени шокови во изминатите 20 години. Тој издржа сериозни предизвици, како што беа: безбедносната криза во 2001-та, глобалната финансиска криза во 2008-та, грчката должничка криза, внатрешната политичка криза и неодамншената глобална пандемија.
Затворањето банки не е непознато нешто во светот на финансиите и тоа се случува секоја година и во развиените економии. Тоа секогаш е последица на погрешните кредитни одлуки на управните и надзорните одбори на банките, како што впрочем беше и во случајот на ЕСБ. По закон регулаторот обично има должност да се грижи за стабилноста на банкарскиот систем, но не и за секоја индивидуална банка. И покрај сите мерки кои му стојат на располагање на регулаторот за да ги намали ризиците во работењето на банките, единствено акционерите се надлежни за управување со своите банки.
Димитар Богов, поранешен гувернер на Народната банка во периодот 2011-2018 година