Двократната освојувачка на Вимблдон, чешката тенисерка Петра Квитова, денеска на социјалните мрежи објави веридба со својот тренер Јиржи Ванек во Лондон.
– Сакаме со сите да споделиме една добра вест … Реков „да“ на моето омилено место, напиша на Твитер моментно 21-рангираната тенисерка на ВТА листата, коментирајќи ја заедничката фотографија со својот вереник снимена на „Ол Енгланд Клуб“ во Англија.
Квитова (32), која го освојуваше Вимблдон во 2011 и 2014 година, соработува со 12 години повозрасниот Ванек од 2016 година.
Чешката тенисерка загуби во неделата во финалето на ВТА турнирот во Синсинати од Французинката Каролин Гарсија.