Нема привилегирани, ниту дискриминирани. Сите што се пријавија, добија дел од сечата и сите што ќе се пријават ќе добијат опожарена дрвна маса која до 1 септември 2023 година мора да се отстрани, бидејќи претставува опасност за природата и екологијата, истакнаа денеска директорот на ЈП „Национални шуми” Валентин Груевски и раководителот на Секторот за шумарство и ловство при МЗШВ, Саша Јовановиќ во врска со написите во некои медиуми дека приватна фирма добила државна дозвола за извоз на дрва во време на енергетска криза.

Како што објаснија Груевски и Јовановиќ, се работи за вкупно 390 000 кубни метри дрвна маса кои биле опожарени лани што е 90 отсто од вкупното ланско производство на „Национални шуми“. Опожарените дрва зафаќале вкупно 4 100 хектари, а штетата е проценета на 1,6 милијарди денари. Фирмата, пак, што се спомнува во некои медиуми, има склучено договор за 24 000 метри кубни црн бор кој не е енергенс и не се користи за огрев. Ги исполнила сите услови од огласот, платила 20 отсто гаранција и 10 отсто од вкупно договорената количина.

-Постапката почна со јавен повик во почетокот на јануари годинава, максимално транспарентно. Сите што се пријавија добија од опожарената дрвна маса колку што побараа, никој не беше дискриминиран, по ниту една основа. Побараа и добија и големи и мали фирми, и локални од Малешевијата и други. Вкупно досега „Национални шуми“ има склучено договори за 150 000 кубни метри опожарена количина, а останати се уште околу две тртини и таа дрвна маса стои на терен. Апелирам, сите заинтересирани да дојдат, да побараат и ќе добијат дозвола за користење на дрвната маса зашто според Законот за шуми, опожареното дрво зафатено со ланските пожари мора да се отстрани во наредните две години, односно целокупната постапка треба да заврши до 1 септември 2023 година, истакна Груевски.

Раководителот на Секторот за шумарство, Јовановиќ напомена дека МЗШВ и во иднина ќе издава одобренија за извоз на дрва и дрвни сортименти и по престанување на временото ограничување.

-Ако Владата не донесе друга соодветна одлука за да ја продолжи одлуката, од 1 јануари 2023 година и натаму ќе издаваме одобренија за извоз, потенцира Јовановиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2022 15:47