Извршниот директор на формула 1 тимот Ферари, Матија Биното откри што мисли за неимпресивната брзина на нивните болиди на вчерашната трка за Големата награда на Белгија.

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, успеа да победи и покрај тоа што стартуваше од 14-та позиција, додека Карлос Саинц од Ферари падна од првото на третото, а Шарл Леклер заврши на шестото место.

– Не бевме толку брзи како нив. Ако ја споредиме нашата позиција со другите противници, тие беа на своите вообичаени позиции. Се соочуваме со големо деградирање на гумите и треба да анализираме како да ја подобриме ситуацијата, бидејќи тоа значително се одрази на брзината. Не сум среќен бидејќи дојдовме овде со надеж за поуспешен исход. Но, мора да признаеме дека Ред Бул беше побрз, исто како во Унгарија. Значи, тие се веќе неколку трки побрзи. Можеме само да работиме на себе, да се обидеме да најдеме слабости, да се развиваме – не само за доброто на оваа сезона, туку и за следната, изјави Биното.

Тој зборуваше за шансите на Шарл Леклер за титулата.

– Разликата од Макс е многу голема. На Шарл веќе не му е доволно и да победи на сите трки, туку треба да се надева и на „кикс“ на Макс. Кога ќе зависите од другите, работите стануваат многу потешки. Поважно е да се фокусирате на себе, да ги проучувате вашите перформанси и јазот со Ред Бул – не само за следните трки, туку и за иднината, додаде Биното.

Во Генералниот пласман Верстапен е прв со 284 бодови, пред перез со 191, Леклер е трет со 186.

Во поредокот на конструктори, Ред Бул е прв со 475 бода, Ферари собра 357, Мерцедес 316.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2022 11:05