Триесетдневен притвор за 40-годишен велешанец, кај кого биле најдени 47,97 грама кокаин.

Основното јавно обвинителство во Велес спроведува истражна постапка против лице на возраст од 40 години за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 29 август, неовластено заради продажба држел вкупно 47,97 грама наркотична дрога – кокаин во три полиетиленски пакувања кои ги скрил во пантолоните. Дрогата била пронајдена при личен претрес на осомничениот.

-Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, на можност за попречување на истражната постапка со влијание врз сведоците и на опасност да го повтори кривичното дело, Основното јавно обвинителство Велес поднесе предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка на Основен суд Велес го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, информираат од Јавното обвинителство.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2022 11:35