Општина Илинден доби ново основно училиште кое ќе биде пуштено во употреба на почетокот на новата учебна година.
Станува збор за високоенергетски ефикасен објект, со иновативен пристап и воведени нови технологии и еколошки материјали, со греење и ладење со алтернативни извори на енергија, опремено според највисоките безбедносни стандарди.
Ова го најави градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски при набавената обиколка на централните и подрачните основни училишта, градинката и средното стручно училиште по повод почетокот на новата учебна година.
-Училиштето располага со 14 училници, наставничка канцеларија, конференциска сала, пет тоалети како и три простории за кујна со трепезарии. Сите простории се опремени со потребниот инвентар според највисоките нормативи и стандарди. Карактеристично за новото училиште е тоа што има и сензорна соба за поголема инклузија на децата со попреченост. Основните придобивки од отворање на ова училиште се модернизирање и проширување на просторните капацитети, како и воведување настава со продолжен престој за учениците од прво одделение и обезбеден топол оброк, истакна градоначалникот Георгиевски.
Воедно, надворешниот дел на објектот е хортикултурно уреден, поставена е фекална и атмосферска канализација, извршен е приклучок на училиштето на водоводниот систем, изградена е нова трафостаница која го снабдува со стабилен и квалитетен електричен напон училиштето, поставени се канделабри за осветлување, инсталиран е оптички интернет, извршено е заштитно оградување на училиштето како и изградени се два паркинг простори, еден за родители и еден за вработените во училиштето.
При направената обиколка, како што наведуваат од Општина Илинден било констатирано дека сите училишта подготвени ќе ја отпочнат новата учебна година и се спремни просторно, како и со воспитно-образовен кадар кој во целост ќе ја спроведе предвидената образовна програма за учениците.
При тоа, во централното ООУ ,,Ристо Крле” во Кадино, се опремени три кабинети со смарт табли, опремен е кабинет по музичко образование со дигитално пијано, поставен е електронски информатор во холот на училиштето, изведено е молеро-фарбарско уредување, а уреден ие паркинг простор за да се подобри безбедноста на движење.
Во подрачните училишта во Мралино и Бунарџик реновирани се тоалетите, уреден е влезот на училиштето со заштитна ограда и пристапен влез за лица со инвалидитет, уредени се дворните површини и детското игралиште.
– Интензивно се работеше и во останатите училишта во делот на инфраструктурата, како и осовременување и унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес- се наведуваво соопштението на Општина Илинден.