НАСА синоќа соопшти дека во сабота повторно ќе се обиде да ја лансира џиновската ракета од новата генерација кон Месечината, откако првиот обид во понеделникот не успеа поради технички проблем.

Со дебитантското лансирање на огромната ракета во понеделникот требаше капсулата без екипаж да ја однесе на шестнеделен пробен лет околу Месечината и назад, 50 години по последната мисија на „Аполо“ на Месечината.

-Договорот е дека ќе го промениме датумот на лансирање за сабота, 3 септември, рече на прес-конференција Мајк Сарафин, одговорен за мисијата „Артемис-1“, која го означува почетокот на американската програма за враќање на Месечината.

Прогласена за најмоќна и најсложена ракета во светот, џиновската двестепена ракета Space Launch System (SLS) претставува најголемиот нов систем за вертикално лансирање изграден од американската вселенска агенција, откако „Сатурн V“ полета на Месечината за време на програмата „Аполо“ во 1960-тите и 70-тите години.

Капсулата „Орион“ има симулиран екипаж од тројца – еден машки и две женски кукли – опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови што би ги доживеале астронаутите.

Главната цел на мисијата е да се тестира издржливоста на топлинскиот штит на „Орион“ за време на повторното влегување во атмосферата на Земјата со 39.429 километри на час или 32 пати поголема од брзината на звукот, при повторното влегување од орбитата на Месечината – многу побрзо од вообичаеното -влегување на капсули на астронаути кои се враќаат од ниските земјини орбити.

Програмата на НАСА „Артемис“ – именувана по божицата која била сестра близначка на Аполон во античката грчка митологија – има за цел да ги врати астронаутите на површината на Месечината уште во 2025 година и да воспостави долгорочна лунарна колонија како отскочна даска за уште поамбициозните идни патувања со човечки екипаж на Марс. .

По повеќе од една деценија развој, со години одложувања и милијарди долари натфрлени трошоци од буџетот, вселенското летало „SLS-Orion“ досега НАСА ја чинеше најмалку 37 милијарди долари, вклучувајќи ги тука дизајнот, изградбата, тестирањата и објектите на земја.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2022 09:37