Осуманесет илјади ученици првпат седнуваат во училишните клупи. Тие тргнуваат по патот кој ќе ги подготви да се изградат како личности. Наставниците треба да им ги отворат видиците, а родителите да бидат поддршка во градењето перспектива во иднината на нивните деца, порача министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој по повод првиот училиштен ден денеска го посети и Основното училиште „Васил Главинов“ во општина Чаир.
Посебно го прави среќен, рече, што по кратка пауза повторно училиштата се полни и од нив одекнува детската смеа.
-Највозбудени се учениците кои со радост и ентузијазам влегуваат во уште еден образовен предизвик кој ќе ги однесе чекор поблиску до нивните желби и соништа. Мојата порака до нив вредно да учат и да ги искористат сите можности за надградување на знаењето и вештините затоа што тоа се единствените вредности кој никој не може да ги одземе и кои може да ги однесат кон посакуваните цели во животот, рече Шаќири.
Посакувајќи им успешна учебна 2022/2023 година на учениците и наставните, министерот се осврна на заложбите на МОН за успешен образовен процес, како новите учебници, обука и повисоки плати од 15 отсто на наставниците, подобрување на услови за настава со реконструкција и изградба на нови училишта… Притоа се заблагодари на општините за нивните инвестиции во образованието, меѓу кои и Чаир, и рече дека за сите МОН е подготвено за поддршка.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, на свечениот прв училиштен ден во ОУ „Васил Главинов“ истакна дека оваа учебна година ја почнуваат подобро подготвени од кого било во деветте основни училишта на територијата на општината. Настава во нив следат 8272 ученици, а 918 се првачиња.
-Инвестициите во училиштата и следствено во знаењето се највредното нешто што можеме да го направиме како општина. Со енергетската ефикасност во време на енергетска криза ќе заштедиме средства кои ќе ги пренамениме за обезбедување на потребната училишна опрема. Во инвестициите партнери ни беа ЕУ, МОН, министерствата за екологија, УСАИД и приватни компании. Посакувам многу успеси на патот на знаењето кој е единствен што дава вистинска светлина на иднината и на наставниците кои се столбот што го чува нашето општество, рече Ганиу.
Градоначалникот соопшти дека по поплавата предизвикана од невремето завчера, вторпат за кратко време ги дезинфицирале деветте улишта и двете градинки со пет објекти на територијата на Чаир.