Денеска беше многу важен ден за регионот. Од овој самит на Отворен Балкан ние сме тука заедно и испраќаме порака дека како држави и како влади се солидаризираме и преземаме конкретни чекори заеднички да се справиме со кризата во која што се наоѓа Европа и во која што се наоѓаат нашите земји, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата на лидерите на Самитот на Отворен Балкан во Белград.
– Зимата пред нас која доаѓа долга и ќе биде најтешка по Втората светска војна како за нас, така и за целиот свет. Но, ако судам по сите разговори денес подобро е да ја пребродиме заеднички отколку секој да ја пребродува самостојно. Тоа е суштината на Отворен Балкан – поврзување, солидарност, добрососедство, се во функција на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Тоа го имаме на ум и во овие кризни времиња, но тоа не е нешто ново за нас, рече Ковачевски.
Тој потсети дека соработка има и во обезбедување достапност на храна и оти лидерите на Иницијативата се договориле прво меѓу себе да си помагаат, доколку се соочиме со недостиг на домашни пазари како последица од глобалната криза.
– Тука станува збор за основните прехранбени производи за кои нема да имаме забрани за тргување. Ќе овозможиме нивен стабилен и непречен проток без никакво ограничување. Дури и да поставиме забрана за извоз таа нема да важи за земјите од Отворен Балкан. Ние како Влада во Македонија веќе долго време работиме на зголемување на домашното производство на храна, но ова кое денес го постигнавме преку потпишување на Договорот за соработка и воспоставување механизми за обезбедување на храна гледаме и пошироко и настапуваме како регион кој се грижи за своите граѓани и даваме алтернатива во решавањето на егзистенцијалните прашања во овие тешки времиња, рече Ковачевски.
Тој рече дека покрај нашите конкретни чекори за решавање на проблемот со недостиг на храна со кој потенцијално се среќава светот, тие се согласиле и за уште едно многу важно прашање, а тоа е соработката во енергетиката и справувањето со енергетската криза.
– Ќе ги подобриме условите за меѓународната трговија со електрична енергија и тука веќе разговараме во насока за можност да се оствари соработка помеѓу Српската берза за електрична енергија и Македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија, рече тој, додавајќи дека земјава ги ангажира сите капацитети за производство на енергија. Домашното производство треба да ги покрие сто проценти од потребите на регулираниот пазар. На тема енергија од обновливи извори сакам да посочам дека она што ние го имплементираме во моментов на домашен план како искуство може д се искористи и на регионално ниво и за тоа постојат многу точки од интерес за сите земји од регионот, рече Ковачевски.
Според него, консолидацијата на електроенергетските системи на која било држава особено со капацитетите финансиски со коишто располагаат нашите три држави практично е невозможно доколку секоја држава го прави поединечно.
– Меѓутоа, доколку заеднички работиме на среден и на долг рок во однос на воспоставување на нови производствени капацитети на електрична енергија, особено на базна енергија и особено на енергија од обновливи извори на енергија тогаш ќе направиме многу побрзо и многу повеќе заедно за државите и за сите граѓани во нив. Ние како Влада ги ставаме во функција сите енергетски потенцијали. Но, како што истакна и претседателот Вучиќ, ако ние имаме производствени капацитети истовремено имаме и недостаток на суровини за производство на електрична енергија коишто ги има или во Србија или во Албанија и затоа оваа регионална соработка е исклучително значајна, рече тој.
Ковачевски потсети дека ваквото поврзување на регионот кое го имаме денес, но и вчера на саемот е чекор напред кон остварување на нашата заедничка цел за економска соработка и окрупнување на нашата понуда кон европските и светските пазари, а со тоа и поголема конкурентност и реални шанси во обезбедување подобар животен стандард на граѓаните.
– Поединечно доколку настапуваме на светскиот пазар и пред светските инвеститори сме послаби, меѓутоа заедно доколку настапуваме тогаш и шансите за привлекување и на странски директни инвестиции во регионот се многу поголеми, а исто така поголема е и можноста за задржување на постојните странски инвеститори од големите индустрии да останат тука во регионот и нивно ширење, рече Ковачевски на на прес-конференцијата на лидерите на Самитот на Отворен Балкан во Белград.