Александар Сашо Стоичовски е делчевецот, кој повеќе од 20 години живее во Скопје, а во последните околу осум години целосно е посветен на атлетиката. Почетоците во овој спорт му се од 2014 година, a една од трките на која прв пат учествувал е токму трката во Делчево организирана под мотото „Делчево трча за здрав живот“. Трката се одржа во 2015 година и е отскочна даска на Сашо во маратонското трчање, што потоа чекор по чекор резултира со негово учество на познати светски маратони.
На почетокот започнал со кратки дистанци, бидејки трчањето за него било само рекреација.
Со трчање, вели Стоичовски, започнал во 2014 година, со наполнети 40 години, сосема случајно, некако изгледаше, потенцира, како наједноставен начин за рекреација, без каква било дополнителна организација.
– Дотогаш не знаев ништо за трчањето, не познавав некој што трча, а не знаев ни каде се трча, па трчав по тротоарите во близина на мојата зграда. Тоа беа дистанци од околу два километри, кои многу тешко ги совладував, бидејќи како и секој почетник имав проблем со дишењето и воспаление на мускулите, вели Стоичовски.
Првичната идеја му била само рекреативно да се занимава со трчање, најпрво се пријавил за учество на Скопскиот маратон во 2015 година, штој не се одржал, за потоа да се пријави на трката низ градските улици во Делчево.
– По извесен период открив дека најдобро место за трчање во Скопје е кејот на Вардар, каде оттогаш до денес сум скоро секојдневно присутен. Кога почнав со трчањето идејата не ми беше да учествувам на трки, туку само рекреативно да се занимавам со овој спорт. По една година рекреативно трчање, првата пријавена трка беше во 2015 година, Скопски маратон – пет километри, што поради тогашните немили настани во Куманово не се одржа. Еден месец подоцна се случи прва трка на која учествував – трката во Делчево, што беше едно убаво искуство. На оваа трка учествував и следните две години, и искрено се надевам дека овој убав настан ќе продолжи и во иднина. Во септември истата година следуваше одложената трка на пет километри од Скопски маратон. Веќе следната година предизвик беше да се истрча полумаратон (21,1 км) што беше совладан во мај 2015 – Скопски маратон, како и октомври 2016 – Софиски маратон, раскажува Стоичовски.
Приказната за атлетските предизвици на Стоичовски продолжила со предизвикот да се истрча најтешката дисциплина за што му бил потребен временски период за подготовки.
– По истрчани илјадници километри, некако сам по себе се појави предизвикот да се истрча маратон – најтешката дисциплина во атлетиката, да истрчаш 42,2 километри без застанување. Подготвителниот период за маратон трае 4-5 месеци, со скоро секојдневно трчање, рано насабајле, попладне или навечер зависно од периодот во годината, илјадници истрчани километри, воспаленија на мускули и повреди, но сето тоа се заборава со поминувањето на целта. Е, кога ќе ја поминеш целта, веднаш почнуваш да правиш планови за следен маратон, појаснува Стоичовски.
Љубовта кон трчањето потоа ја споил со желбата за патување, по што следувале и учествата на маратони во светски познати градови. Доживеал неповторливо искуство за кое со воодушевување раскажува.
Покрај трките во Делчево, Скопје и останатите градови низ земјава, тој има учествувано и на маратони во Софија, Белград, Будимпешта, Истанбул, Солун, Барселона и на најстариот и најпрестижен светски маратон во Бостон. За време на маратонот, подвлекува, главните улици во метрополите се затворени и уживаш во најдобрата тура за разгледување на градот.
– На пример во Истанбул, тоа е единствена можност да трчаш на Мостот на Босфор и со трчање да поминеш од Азија во Европа, во Будимпешта целата патека е покрај Дунав, од Хопкинтон до Бостон се трча низ осум населени места, и долж патеката од 42 километри нема ниту педа без пубилка која ги поздравува маратонците со овации…, раскажува Стоичовски.
Љубовта кон атлетиката што му се јавила по 40-тата година од животот се пресликала и кај неговите ќерки.
Неговите ќерки Ева и Неда со нетрпение ја очекувале трката во Делчево и учествувале на сите три трки. Неда две години освојувала подиум во нејзината категорија, а потоа, додава Сашо, продолжиле со тренинзи и натпревари во Скопје.
При неговата последна посета на родниот град, Стоичовски го забележавме низ градските улици како не запира со трчање. Претпоставувајќи дека го очекуваат нови учества, го прашавме за неговиот следен атлетски предизвик.
– Подготовките и тренинзите траат во текот на целата година. Следен пријавен маратон е Москва на 18.9.2022, меѓутоа поради моменталната ситуација и откажаните летови не знам дали ќе можам да отпатувам, па најверојатно ќе ја заменам со КОЛОРРУН-трката во Скопје, која е на истиот датум. Веднаш потоа е Скопски маратон и на крајот од октомври е маратонот во Љубљана, а помеѓу овие маратони ќе се истрча уште некоја трка низ Македонија, најави делчевецот.
Му недостигаат трките во Делчево, кои поради пандемијата, три години по ред се одложуваа.
– Трката во Делчево ми е омилена, се надевам дека организаторите Драган и Дејан ќе ја продолжат традицијата, а јас можам да им ветам масовна посетеност од страна на нашиот клуб KORRUNERS и пријателите од другите клубови, дециден е Стоичовски.
Денешниот динамичен начин на живот не остава многу слободно време за активности надвор од домот и работата, но тоа, според Стоичовски, не смее да биде оправдување за физичката неактивност. Според него, доволно е еден час во денот да се излезе надвор, да се пропешачи, потрча, испланинари или да се повози велосипед. Токму затоа упати порака до помладите кои имаат желба да спортуваат, да пробаат да се пронајдат во трчањето.
– Пораката не само за помладите, туку и за постарите, е да почнат за се занимаваат со овој спорт, за трчањето не се потребни некои специјални услови, доволни се само патики, желба и истрајност, истакна тој.
Упати отворена покана до сите почетници и вљубеници во трчањето на 18 септември да дојдат на KOLORRUN-трката на која ќе имаат уникатна можност да трчаат низ Ист гејт мол.