Британскиот глумец Тим Рот го глумеше антихеројот Абоминабл во „Неверојатниот Хулк“ (2008) – филм на продукциската куќа „Марвел“, кога насловниот лик го глумеше Едвард Нортон. Во сите наредни филмови, па и во тековната „спин-оф“ серија „Жената Хулк“ (She-Hulk), машкиот херој го глуми Марк Рафало, а сега во својата негативна улога се враќа и Рот, па во новото интервју ги споредува двајцата глумци.

– Тие се многу различни луѓе. Сега Марк е последен. (Со Едвард, б.п.) тоа беше почетокот, сѐ уште се пронаоѓавме себеси. Тие двајца се неверојатно зае**ни актери. Упс, извинете за говоров… Но, тие се навистина неверојатни актери. …Она што го направи Ед е доразвивање (на ликот, б.п.). И тој го следеше (Ерик) Бана од порано во филмот на Анг Ли („Хулк“ од 2003 година со Ерик Бана во главната улога, б.п.). И, тој тоа го сфати многу сериозно. Сега се случи и оваа огромна еволуција со Марк… Така, во извесна смисла, јас морав да се вратам на почетокот, па на крајот и тоа беше неверојатно диво возење, изјави Рот.

Тој раскажува и дека првично ја прифатил улогата на антагонист поради своите тогаш два мали сина.

– Тие беа мали и одеа на училиште. Главното беше она – „Тато е чудовиште. Тоа е урнебесно.“ Снимив два такви филма… Во „Планетата на мајмуните“, „тато е мајмун“ и во „(Неверојатниот) Хулк“ – „тато е чудовиште“. Па, малку и ги посрамотив, што е секогаш добро. Успеав!, се шегува Рот.

Во новата ТВ-серија „Жената Хулк“, Рот глуми спроти канадската глумица Татјана Маслани. Првата сезона има девет епизоди и се прикажува на стрим-платформата „Дизнии плус“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2022 08:21