Македонската репрезентација во риболов на пливка учествува на Светското првенство што се одржува во Осијек, Хрватска.
Нашата селекција е дел од триесетина репрезентации, учесници на 68. Светско првенство што почна вчера и ќе трае до 11 септември.
Селекцијата ја предводат двајца претставници од кривопаланечкиот Спортско-риболовен клуб „Мрена”, Емил Додевски, селектор, и Горан Тонев, водич и делегат.
-Првенството се одржува на Стара Драва кај Биље и Топољски Дунавац во Барања, а учествуваат околу 500 натпреварувачи од 33 земји во светот. Натпреварот трае седум дена, подготвителните официјални тренинзи ги реализираме до петок на различни реони и зони, со опробување различни јадици, храни, како подготовка, во петок следува главниот тренинг, додека во сабота и недела, 10 и 11 септември, е натпреварот за медали, информира селекторот Емил Додевски.
Организатор на светското првенство во пливка 2022 година е Здружението на спортски друштва на Осиек – Барања, под покровителство на Осиечко-барањската жупанија и општина Биље.