Ублажувањето на последиците од глобалната криза беа тема на разговор на двете делегации предводени од премиерите на Македонија и на Грција, Димитар Ковачевски и Киријакос Мицотакис.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба на Македонија, станало збор и за заедничките проекти што се реализираат за енергетска независност на среден и долг рок.

Било истакнато дека во изминатите неколку години, една од најголемите грчки компании „Митилинеос” најавува интерес за изградба на когенеративна гасна електрана во Скопје, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија, како и за еден од стратешките проекти во енергетскиот сектор во земјава поточно изградбата на пумпно-акумулационата хидроцентрала „Чебрен“, на Црна Река за која понуда пристигна и од грчкото електростопанство ППЦ и од уште неколку европски компании.

На средбата во Атина, покрај премиерите на двете држави, од македонска страна присуствуваа министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на ЕСМ Васко Ковачевски и на МЕПСО, Орган Муртезани, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески и Виктор Андонов, соработник за енергетика, а во состав на грчката делегација беа Костас Фрагојанис, заменик министер за економска дипломатија и надворешни работи, Никос Цафос, советник за енергетски прашања на премиерот Мицотакис, Константини Зифарас, директор на државната компанија за природен гас ДЕПА, Георгиос Тасис, претседател/извршен директор на Public Power Corp SA како и останати претставници од секторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2022 12:54