Во рамки на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува во Струмица, денеска беше промовирана книгата „Интеркултурна комуникација на танцови идентитети“ од Јоана Шишкова-Медаровска.

Промоторот на книгата, писателот Гоце Ристовски, истакна дека станува збор за ретка и важна книга не само за нашиот национален културен простор, туку и пошироко.

-Научна студија според сите стандради, што подразбира и истражување, но јасна, концизна, читлива, интересна. Во дел од книгата се користи анализа на дискурс во теоретските парадигми и литература од различни дисциплини и науки.Направена е и една квалитативна анализа остварена низ интервјуа со познати македонски балетски уметници, костимографи, сценографи, балетски педагози, театролози и професори по балетска уметност, диригенти, режисери, модерни танчери и кореографи, балетски критичари, културни менаџери и балет мајстори и кореографи на современ танц, рече Ристовски.

Авторката Шишкова-Медаровска, ќерка на патронот на фестивалот, актерот Ристо Шишков, подвлече дека се трудела да опфати делови од повеќе науки и да им даде место во книгата на голем број автори.

-Најубаво е да се прочита книгата и сето тоа да се доживее на свој начин и оставам на самиот читател. Денеска се повеќе се вели дека луѓето немаат само една своја култура, туку живеат меѓу културите. И најдобро можеме да ја спознамеме својата култура одејќи во друга земја, учејќи за другата ја спознаваме сопствената. Оваа политика на различност ги брише подвоеностите и се обединува на точката на заедничкото, а тоа е човечноста, истакна Јоана Шишкова-Медаровска.

На настанот беше промовиран и новиот број на списанието „СУМ“, кое е посветено на 400 години од раѓањето на големиот француски драматург Жан Батист Поклен Молиер (1622-2022). За делото на Молиер зборуваше писателот и главен и одговорен уредник на списанието „СУМ“, Трајче Кацаров.

Триесеттото, јубилејно издание на ФКТ „Ристо Шишков“ завршува вечер со доделување на наградата за високо актерско остварување, а во чест на наградениот ќе биде одиграна балетската претстава „Болеро“ од Морис Равел во кореографија на Саша Евтимова во избедба на Македонската опера и балет.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2022 14:21