Со средства обезбедени од Охридскиот Завод и музеј и ресорното Министерство за култура се спроведуваат обемни зафати за санација и реставрација на Куќата на Робевци во Охрид, еден од најзначајните и најпрезезентативни објекти од старата градска архитектура.

Станува збор за еден од најголемите проекти за кој досега се издвоени три милиони денари, а реконструкцијата е предвидено да биде заокружена некаде до крајот на март годинава.

Директорот на охридскиот Завод и музеј, Горан Патчев, појаснува дека се работи за градежни интервенции на фасадите и на крововите, како на самата куќа така и на попратните објекти од споменичниот комплекс, како што се Магазата, депото и Лапидариумот.

Предвидена е и внатрешна реконструкција на подовите, како и вградување нов систем за проветрување и затполување на Куќата на Робевци.

„Со тоа ќе обезбедиме идеални услови за самите експонати во објектот, меѓутоа и подобри услови и за вработените и посетителите“, вели Патчев.

Предвидено е објектот да добие и нов систем за обезбедување, со оглед на тоа што во него се наоѓа и „Златната соба“, поставка во која се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.

„Покрај другите работи ќе се обезбеди нов видео-надзор, посовремен и нов алармен систем, особено на златната соба која ни е од големо значење за градот и републикава“, каде што се чува златото на Лихнитида“, појаснува Патчев.

Инаку, оценка на директорот на Заводот и музеј е дека Куќата на Робевци не е објект соодветен за презентација на археолошки експонати, па оттаму потребата Охрид што поскоро да добие археолошки музеј каде ќе бидат изложени големиот број предмети што се наоѓаат по музејските депоа, а далеку од очите на јавноста.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2025 21:39