Белградскиот писател, новинар и музичар Бранко Росиќ денеска во кафе-книжарницата „Буква“ од 19 часот ќе го промовира својот трет роман „Доаѓањето на матадорот“, објавен летово во издание на издавачката куќа „Лагуна“ од Белград.
Промоцијата ја организира Српскиот културно информативен центар СПОНА.
– За „Матадорот“ една од хероините ја најдов на улица. Шетав низ градот Руан во Нормандија, и здогледав една убава питачка која беше толку убава што во секој момент комотно можеше да стане и да оди на некоја модна ревија. Се прашував што ја натерало една толку убава и млада девојка да капитулира и да се предаде на питачењето и на животот на бездомник. На стотина метри од таму било местото каде што жива била запалена Јованка Орлеанка. Зад аголот имаше големи демонстрации на „жолти елеци“… И почнав да замислувам… Од таа бездомничка направив нова Јованка Орлеанка која ја тресе Европа, и на крај неа и нејзиното момче ги јаде самата револуција, што тие ја предизвикаа. Тоа е само дел од приказната, вели Росиќ, зборувајќи за својот најнов роман.
Росиќ е автор и на книгата „За утре најавуваат конечно разведрување“, по која наскоро ќе се снима ТВ серија, како и на романот „А така добро почна“, а во 80-тите беше познат и по панк групата „Урбана герила“.
Во земјава, Росиќ на пошироката јавност и е познат по неговото новинарско делување, особено во популарниот магазин „Недељник“.
На промоцијата во „Буква“, која ќе ја води новинарот Иван Беќковиќ, освен за актуелниот роман на Росиќ, ќе се зборува и за неговите претходни книги, а посетителите бесплатно ќе добијат и примерок од магазинот „Недељник“, кој Бранко го уредува. На промоцијата ќе бидат претставени и содржините кои се најдоа во актуелниот број на „Слово“, гласилото на СПОНА, двомесечник кој ги следи културните активности на Србите во Македонија.