Парите ги нема, а Трифун Костовски истакнува дека за организираниот криминал во Еуростандард банка се виновни сите останати фактори во државата, освен тој лично и неговата, од него одбрана дружина на раководни позиции во банката. Особено тоа се однесува на неговиот син Коста Костовски кој бил задолжен за доделување и одобрување на ненаплатливите кредити и Николче Петкоски кој ја управувал ограбената Еуростандард банка.

Во изминатите две години Трифун Костовски јавно објавува и објаснува како се случувала масовната кражба на парите на правните и физички лица депоненти, доверени во Еуростандард банка. Слушнавме и прочитавме од Трифун Костовски за низа незаконски манипулации, злоупотреби, измами и проневери, со еден збор грабеж на депозитите правен со години внатре во Еуростандард банка. Уште пред една и пол година, дури и самиот Трифун Костовски јавно призна дека во грабежот учествувал и тој лично кога во 2019 година свесно сторил кривично дело со одобрување за незаконско префрлање на три милиони евра од депозитите во Еуростандард банка во Комерцијална банка за да служат како гаранција за доделени кредити на некои трети правни лица, а тоа Комерцијална банка го потврди и преку јавно соопштение. Па дури и извештајот од приватната истрага на Трифун Костовски го истакнува овој незаконски чин, објавен јавно за да може сите да прочитаат.

Во извештајот од приватната истрага на Трифун Костовски се истакнуваат и трансакции за перење пари со нерезидентни клиенти од Венецуела. Тоа е нешто што го слушнавме јавно и од директорот на Управата за финансиско разузнавање. Па дури и се наведува дека од трансферирани 110 милиони евра, 10 милиони евра биле дадени како позајмици на најекспонираните клиенти во Еуростандард банка, без да се наведат и кои се тие клиенти. Се прашуваме какви се тоа „позајмици“ на некои клиенти во Македонија дадени од клиенти од Венецуела во 2019 година. Дали е тоа можеби провизија за некои лица овде која тие странски, нерезидентни клиенти од Венецуела ја платиле за да се исперат нивните милионски суми преку Еуростандард банка?

И што се случува во државава по овие лични сведоштва на Трифун Костовски, долгогодишниот претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка и најголем акционер во истата!? Молк. А секој ден слушаме од државните претставници како посветено се борат против организираниот криминал и корупција во државата, и сето тоа во наш интерес, интерес на народот. Две години има јавно обраќање од Трифун Костовски, со објаснувања како од внатре во Еуростандард банка ги краделе парите на депонентите, па дури и негово лично сведоштво за свесно сторено кривично дело, и повторно се молчи. Се прашуваме, ако се молчи со години за ваков огромен, масовен организиран криминал во банка, тогаш дали има правосуден систем во државата, и воопшто, дали има држава.

Ќе дочекаме ли конечно јавното обвинителство да се произнесе за организираниот криминал во Еуростандард банка? Поминаа повеќе од две години, а има еден куп докази и лични сведоштва за тоа како, кога и од кого се случувал масовниот грабеж во Еуростандард банка. Еве и во извештајот од приватната истрага на Трифун Костовски се објаснува и во детали како се крадело внатре во банката. Што уште треба да направи Трифун Костовски за да Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција реагира?



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2022 01:01