Изложба со македонски археолошки предмети, кои претставуваат врвни уметнички достигнувања во доменот на социјалните и религиските форми карактеристични за разни етапи на предисторијата од ова поднебје во наредните три години ќе бидат изложени во Њујорк, Чикаго и во Отава.

На прес – конференција во Битола, директорот на Управата за заштита на културно наследство Аријан Асланај, директорите на музеите во Битола, Прилеп и Гевгелија, како и координаторот на проектот Гоце Наумов, ја претставија поканата на Филдовиот музеј од Чикаго, со што се овозможува 19 предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука-прилепско, Шуплевец-битолско и Милци-гевгелиско, во наредните три години да бидат изложени во Северна Америка.

-Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е најголемата изложба на праисторија во историјата на археологијата бидејќи обединува многу музеи од Европа. Оваа изложба очекуваме да ја видат над еден милион посетители кои прв пат ќе се запознаат со социјалните и религиските аспекти на предисториските заедници. На изложбата во Северна Америка ќе учествуваат музеите од Битола, Прилеп и Гевгелија кои заеднички ќе ја прикажат македонската праисторија, истакна Наумов, кој следната седмица, на 21 септември ќе присуствува на свеченото отворање во Институтот за древни студии во Њујорк.

Македонските археолошки предмети шест месеци ќе бидат изложени во Њујорк, потоа ќе бидат поместени во Филдовиот музеј во Чикаго каде ќе бидат изложени во текот на цела 2023 година, и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава во 2024 година.

За изложбата е изработен зборник, уреден од авторите Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон, публикуван од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт Котсен при Калифорнискиот универзитет во Лос Ангелес.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2022 01:43