Со фотограметриско снимање и дигитализација на артефакти во Музејот на Македонија во Скопје започнаа активностите во рамките на проектот „Владетелки на Балканот“ (SheLeadersVR) поддржан од програмата на Креативна Европа.
Проектот има за цел да ги раскаже приказните на истакнати жени кои владееле во средновековниот период на Балканот и врз основа на нивните животи, навики, успеси и предизвици кои ги имале во своето време, да се создададат приказни кои ќе бидат претставени преку апликации во виртуелна (VR) и проширена реалност (AR).
Од Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“, информираат дека овој проект, кој започна вчера, како домаќин и партнер од Македонија, го работат во партнерство со Здружението за дигитализација и информација на културното наследство „Digi.ba“, NoHo Ireland, Универзитетот во Сараево, Народниот Музеј на Црна Гора и Археолошкиот институт при САНУ во Белград.