Македонското студио за продукција на анимација и визуелни ефекти „Фх3х“ стана дел од светската продукциска групација за визуелни ефекти – „Синесајт“ (Cinesite) од Лондон, Велика Британија. „Синесајт“ е едно од најпознатите светски студија за визуелни ефекти со канцеларии во Англија, Германија и Канада. Според основачите на „Фх3х“ оваа соработка ќе отвори многу нови можности и за компанијата, но и за вработените, кои ќе можат да работат на уште повозбудливи проекти, како и да стекнуваат и споделуваат знаења и искуства и со своите колеги од другите локации во рамки на групацијата. Дополнително, ќе понуди многу можности за младите кои сакаат од Македонија да започнат да градат светска кариера во оваа индустрија.

„Горди сме со фактот каде стигна Фх3х со помош на неверојатниот талент на нашите артисти. Со Синесајт соработувавме и претходно, но здружувањето на силите ќе ни овозможи да го оствариме полниот потенцијал на нашиот бизнис и талентираната домашна работна сила со која располагаме во регионов. Нашето партнерство ќе има значаен позитивен ефект врз индустријата на продукција на визуелни ефекти во Македонија и цел регион“, изјави Миливоје Ѓорѓевиќ, ко- сопственик на „Фх3х“.

Филмовите на кои последно работеше „Фх3х“ се: The Man who fell to Earth, Moon Knight, Sonic the Hedgehog 2 и Dr. Strange in the Multiverse of Madness. „Никогаш досега не сум го имал луксузот да смеам да откријам на што работиме, бевме на друго ниво во светската продукција на визуелни ефекти. Со квалитетот кој нашиот тим го создава, стигнавме до ново ниво и ми причинува необјасниво задоволство да соопштам дека филмовите на кои се работи во моментов се: Indiana Jones 5, Crater, Star Trek: Strange New Worlds втора сезона, Star Trek: Picard трета сезона, Peter Pan and Wendy, Vikings Valhalla, и Strays“, додава и косопственикот Кристијан Даниловски.

И извршниот директор на групацијата „Синесајт“, Ентони Хант, истакна задоволство од склученото партнерството со „Фх3х“, од кое очекува дека значајно ќе ги зголеми глобалните капацитети на компанијата преку вклучување во тимот на Синесајт, квалитетни менаџери, продуценти и искусен и остроумен креативен талент. „Сакам да истакнам дека индустријата на визуелни ефекти е една од ретките која бара спој на напредни компјутерски вештини и уметнички знаења и талент и оттука и нашиот интерес да дадеме доверба токму на „Фх3х“ за градење на пазарот во Југоисточна Европа, имајќи предвид дека успешно успеваат да препознаат и изградат ваков кадар“, посочува Хант.

Компанијата најави дека наскоро започнува со интензивни обуки на 60 кандидати кои очекува за шест месеци да станат дел од тимот на Фх3х Синесајт, за кои се обезбедени 60 стипендии, со цел да им даде шанса на младите кои имаат најголем талент и елан за работа во оваа професија, без притоа професионалното остручување да им претставува голем финансиски товар. Како следни чекори менаџментот на Фх3х и Синесајт најави континуирано зголемување на капацитетите во Македонија со најмалку 120 новообучени кадри годишно, а дополнително веќе се работи на проширување на капацитетите и во соседна Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2022 03:44