Во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје од денеска е отворена изложбата на современа визуелна авторка, Мила Добревска, насловена „Мој кревет“. Сите овие дела, како што објаснува авторката за МИА, се креативната репрезентација на секојдневието после пандемијата.

Ова е прва самостојна изложба на Добревска, составена од апстрактно претставени фигури најчесто во заспана состојба.

-Насловот природно дојде со делата. После првиот карантин, започнав со оваа тематика интензивно да се интересирам и претставува истражување на душата и потсвеста на човекот во својата најинтимна, најлична состојба, вели Добревска за МИА.

Најголема инспирација на Добревска е токму љубовта кон творештвото.

-Мене инспирација отсекогаш природно ми доаѓала за творење. Тоа претпоставувам дека е од љубовта кон творештвото. Јас мојата струка не ни ја сметам за обврска, поради тоа што потполно уживам со уметноста. Дел од моите секојдневни инспирации се всушност секојдневните случки во животот- поточно: рутината на денот, конекцијата меѓу луѓето што најчесто ги гледам и мене, како и местата што ги посетувам. Посветеноста кон креирањето ми е дел од секојдневието, така што може да се каже дека изложбата самата по себе си се создаде. После мојот дипломски труд се почуствував спремна и имав доволно самодоверба да се изложам како самостоен и зрел автор, додава Добревска.

Mила Добревска е родена во Скопје. Средното образование го завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски” – Скопје, оддел сликарство, а своите студии ги продолжува на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, каде што дипломира како визуелен уметник и мозаичар. Моментално Добревска ги завршува своите пост-дипломски студии на истиот факултет во Равена, со фокус на мозаик.

Идниот чекор на Добревска е да ги заврши студиите и ќе продолжи да се занимава со уметноста.

-Моите моментални планови се да привршам со студиите. Сега сум на мојата последна година од пост-дипломски студии во Италија. Потоа, се разбира планирам да се занимавам со уметноста, во каква било форма. Се разбира дека ќе има уште повеќе вакви прилики, ова јас би рекла дека е само почетокот, вели Добревска за МИА.

Изложбата „Мој Кревет“ ќе биде отворена до 26 септември 2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2022 09:01