Во Белград се одржува регионална конференција за борба против трговијата со луѓе за трудова експлотација во Европа-стандарди,реалност и нови стратегии за акција, која се организира како дел од проектот за спречување и борба против трговијата со луѓе во БИХ, Македонија и Србија, во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа -Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022 година, јави дописиникот на МИА од Белград.

На конференцијата на која учествуваат повеќе од 100 учесници од БИХ, Македонија, Србија, Европската унија и Советот на Европа разговарано е за стратегиите за борба против трговијата со луѓе за целите на експлоатација, злоставувањето што погаѓа зголемен број жени, мажи и деца, и истакната е важноста од препознавање на факторите на ризик за трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и развивање конзистентни превентивни стратегии.

-Сиромаштијата, невработеноста и растечката неформална економија, заедно со побарувачката за евтина работна сила и услуги, се фактори кои водат до трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Трендот на регрутирање жртви преку социјалните мрежи и интернетот е во пораст. Постои итна потреба за справување со растечката закана од трговијата со луѓе, а Советот на Европа во моментов подготвува нова препорака за своите 46 земји-членки која содржи сеопфатен пакет мерки за спречување и борба против трговијата со луѓе. Меѓу овие мерки е и проширувањето на опсегот на заштита на трудот на сите сектори на економијата, вклучително и неформалната економија и непријавените работници. Компаниите исто така имаат важна улога во идентификувањето и спротивставувањето на ризиците од трговијата со луѓе преку нивното стопанисување и синџирите на снабдување, изјави Петја Несторова, извршен секретар на Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе.

Дајан Шмит, координаторка за борба против трговија со луѓе на ЕУ, истакна дека трудовата експлоатација е трајно втората водечка форма на експлоатација во ЕУ и дека речиси 30 отсто од регистрираните жртви биле тргувани со цел трудова експлоатација.

-ЕК презентираше предлог за забрана на производите произведени со принудна работа на пазарот на ЕУ. Овој предлог вклучува стоки произведени со принудна работа на жртви на трговија со луѓе и вклучува и домашни и увозни производи од ЕУ, објасни Шмит.

На конференцијата беа разгледани трендовите и предизвиците во трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација и идентификувани се позитивни иницијативи за зајакнување на превенцијата од перспектива насочена кон жртвите. Се разговараше и за улогата на актерите на пазарот на трудот и на приватниот сектор, како и за надминување на проблемите со пристапот на жртвите до правосудството и поефекасните правни лекови.

Иако бројот на идентификувани случаи во БИХ, Македонија и Србија е мал, во пракса опсегот на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација е многу поширок и многу случаи остануваат непријавени. Во БИХ, идентификувани се само осум потенцијални жртви во периодот 2017-2021 година. Во Македонија во периодот од 2017 до 2020 година биле идентификувани само 3 жртви, а во 2021 година биле откриени уште 39 од Тајван. Во петгодишниот период, бројот на идентификувани жртви е најголем во Србија, вкупно 41, од кои повеќето се српски државјани и покрај зголеменото присуство на работници мигранти во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2022 14:55