Ниту една функција не е дадена од сега и засекогаш и доколку постојат некои работи коишто не задоволуваат при реализација на проектите мора да постои соодветна одговорност. Пред она што е јавен интерес не верувам дека треба да се застане во одбрана на која било јавна фунција, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

– Што се однесува до нас ние ќе сториме се што е во наша моќ за да продолжиме да испорачуваме проекти во интерес на Градот. Дали ќе биде подобро, дали ќе трпи или ќе биде полошо, времето пред нас ќе каже. Мора да работиме во заштита на интерсот на граѓаните и, пред се, во заштита на средствата кои тие ги даваат за да се реализираат нивните проекти, рече Арсовска на новинарско прашање како ќе се одрази на функционирањето на градот промената на директорите на јавните претпријатија што уследија по нејзиното тврдење за несовесно работење за тендерот за пречистителната станица во Скопје и оставката на директорот на „Водовод и канализација“ и меѓусебните обвинувања со ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи дека смета оти станува збор за работи кои не треба да се премолчат и како што рече, одговорност ќе си понесе секој, а со резултатите коишто ќе бидат испорачани ќе се види дека всушност ништо не сме изгубиле.

-Довербата која што била дадена од страна на градот и од страна на граѓаните за да се чуваат тие буџети и за да се работи во интерес на граѓаните не смее да се изневери. И овие директори се вршители на должност кои доколку не испорачаат или, пак, доколку испорачуваат нешто спротивно на онаа доверба која што им била дадена од граѓаните не верувам дека треба да бидат заштитени, потенцира Арсовска, која денеска присуствуваше на стартот на активностите за реконструкција на улица „Перо Наков“.

Прашана зошто требало да се чека на ова што се случува со ВМРО-ДПМНЕ за да се знае дека именуваните директори не си ја вршеле работата како што треба, Арсовска вели дека не сака да навлегува во политички пресметки.

– Сметам дека ова е многу комплицирана ситуација и не би сакала да влегувам во политички пресметки. За мене единствен интерес е интересот на граѓаните и јас ќе продолжам да работам онака како што сум работела досега. Што се однесува до политичките чинители во државата дали тие и во која мера ќе одлучат да ги поддржат овие политики тоа оставам на нивната совест, на она што им е дадено како мандат од страна на граѓаните да ги поддржат проектите коишто граѓаните ги избрале на овие избори, вели таа подвлекувајќи дека треба да се реализираат проектите од нивен интерес и да се превенира секаква можност на саботажа и злоупотреба.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2022 02:53